Аноскопијата е испитување на аналниот канал од страна на лекар. Овој преглед го покажува дисталниот дел од ректумот. Испитувањето се врши со помош на ендоскопски инструмент наречен аноскоп.
Аноскопот е шуплива цевка, долга неколку цм. За да се види внатрешноста на аналниот канал, потребен е извор на светлина, кој се става во рачката на аноскопот.
Аноскопијата е едноставен, безболен и краток преглед. Нема потреба од чистење на цревата. Се изведува во положба колено-лактот (пациентот клечи потпрен на колена и лактите) или лежечки (пациентот лежи на левата страна со свиткани колена кон градите). Лекарот обично става вазелин на аноскопот за полесно влегување на инструментот во аналниот канал и по извлекувањето на дел на инструментот прави преглед.
Лигација на хемороидални јазли претставува минимално инвазивна, нехирушка процедура за третирање на хемороидална болест. За да се лигира ( подврзе ) хемороидот со помош на гумени ленти, лекарот вметнува мала алатка наречена лигатор низ осветлена цевка, во аналниот канал и го подврзува хемороидот со гумено ластиче. Гумените ластичиња го прекинуваат снабдувањето со крв на хемороидите, предизвикувајќи хемороидот да фиброзира и да испадне.